Евтина струја и во сабота и по четири часа дневно? РКЕ подготвува нов тарифен модел!
Актуелно

Евтина струја и во сабота и по четири часа дневно? РКЕ подготвува нов тарифен модел!

25. 06. 2026.

Можна ревизија на блок тарифите за електрична енергија воведени за време на енергетската криза во 2022 година, со цел тие да се прилагодат на новите пазарни услови и растот на обновливите извори најавува Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Ацо Ристов, во интервју за МИА.

Ристов објаснува дека основната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки, преку ново усогласување на тарифниот систем со реалното производство на струја, особено од сонце и ветер. Според него, сегашниот модел веќе не ја одразува состојбата на пазарот, каде што во одредени дневни периоди има вишок електрична енергија и ниски, па дури и нулти берзански цени.

Во анализите на РКЕ се разгледува проширување на евтината тарифа во дневните часови, особено меѓу 11 и 15 часот, кога има најголем вишок на струја од фотоволтаици. Дополнително, се разгледува можноста евтина струја да има и во сабота, покрај веќе постојната неделна евтина тарифа.

Ристов посочува дека се анализира и можноста за прилагодување на ноќната евтина тарифа, бидејќи токму во вечерните часови (21–23 часот) цената на струјата на берзите е највисока, што создава нелогичности во постојниот систем.

Според планот, првичните анализи би биле готови до крајот на септември, додека евентуалните нови блок тарифи би можеле да стапат во сила од 1 јануари 2027 година. Конечната одлука ќе зависи од математичките модели и консултациите со сите засегнати страни, вклучувајќи ја државата, производителите и операторите во системот.

Ристов нагласува дека целта не е заштита на производителите, туку создавање систем кој ќе им донесе директна корист на граѓаните, преку поевтина и поефикасна потрошувачка на електрична енергија во услови на раст на обновливите извори.

Извор: slobodenpecat.mk