Новите мерки ги претстави министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд, со поддршка од премиерот Енди Бернам. Според владата, целта е да се воспостави построг систем во кој постојаниот престој ќе зависи од придонесот на поединецот, неговата интеграција и почитувањето на законите.
Кој ќе може да добие постојан престој побрзо?
И покрај продолжувањето на рокот за повеќето работници, предвидени се и исклучоци. Лицата со многу високи приходи ќе можат да аплицираат по три години, додека работниците со годишна заработка над 50.271 фунти, како и одредени вработени во јавниот сектор, меѓу кои лекари, медицински сестри и наставници, ќе го задржат рокот од пет години.
Посебен исклучок ќе важи и за работниците во секторот за социјална грижа. Тие ќе можат да аплицираат според досегашниот петгодишен модел.
За прекршување на правилата – чекање до 30 години!
Покрај подолгиот рок за добивање постојан престој, владата најавува и значително построги казни за прекршување на имиграциските правила.
За лицата за кои ќе се утврди дека ги прекршиле правилата, периодот на чекање може да се продолжи на 20 години. За оние кои влегле во земјата со мали чамци или на други нелегални начини, дополнителното чекање може да достигне 10 години, односно вкупно дури 30 години.
Од друга страна, бегалците кои пристигнуваат преку официјално одобрени канали ќе можат да аплицираат за постојан престој по пет години.
Кога стапуваат во сила новите правила?
Промените треба да почнат да се применуваат од следната година и нема да важат за лицата кои веќе имаат статус на постојан престој.
Владата ги најавува во период на зголемен политички притисок за ограничување на имиграцијата, особено од десничарската партија „Реформа Велика Британија“, предводена од Најџел Фараж, која се залага за уште порестриктивен пристап кон странските работници и мигрантите.
