„Лајка“ заловила 173 бездомни кучиња во Скопје во октомври: 42 добиле нов дом
Актуелно

„Лајка“ заловила 173 бездомни кучиња во Скопје во октомври: 42 добиле нов дом

03. 11. 2026.

Јавното претпријатие „Лајка“ во текот на октомври заловило 173 бездомни кучиња на територијата на Скопје, а 42 од нив добиле нов дом преку процесот на вдомување.

Според месечниот извештај на претпријатието за октомври 2026 година, од вкупниот број заловени кучиња, 144 биле третирани, 42 биле вдомени, додека 90 биле вратени на локациите од кои претходно биле заловени.

Од „Лајка“ посочуваат дека секое куче кое поминува низ процесот на хуман третман добива соодветна ветеринарна грижа. Таа вклучува стерилизација или кастрација, тестирање за лајшманиоза, вакцинација против беснило, микрочипирање, како и заштита од внатрешни и надворешни паразити.

Како еден од позначајните резултати за изминатиот месец, претпријатието го издвојува вдомувањето на 42 кучиња, кои добиле можност за нов живот во семејна средина.

Од „Лајка“ нагласуваат дека активностите се резултат на секојдневната работа на нивните тимови, но и на соработката со граѓаните, со цел похуман и посистемски пристап кон справувањето со проблемот со бездомните кучиња во главниот град.