Со новите законски решенија се менуваат дел од правилата според кои функционира администрацијата, при што посебен акцент се става на оценувањето на работата и постапките за напредување во кариерата.
Една од најзначајните измени предвидува престанок на работниот однос по сила на закон доколку административен службеник во две последователни години добие оценка „1 – не задоволува“.
Тоа значи дека две последователни најниски оценки ќе претставуваат законска основа за престанок на вработувањето.
Нема повеќе унапредување без интерен оглас
Покрај промените во оценувањето, се укинува и можноста административните службеници да бидат унапредувани без претходно објавен интерен оглас.
Целта на оваа измена, според образложението на законските решенија, е да се обезбедат еднакви можности за напредување на сите вработени и доследно да се применува мерит-системот, односно напредување врз основа на заслуги и исполнување на утврдените критериуми.
Со тоа, интерниот оглас станува задолжителен дел од постапката за унапредување.
Побрзи постапки, но со задржано право на жалба
Измените опфаќаат и правила што треба да овозможат поедноставно, поекономично и побрзо спроведување на административните постапки.
Намерата е да се избегне неоправданото одолговлекување, без притоа да се укине правото на жалба на службениците.
Дополнително, со законските решенија се уредува статусот на вработените во Службата на Собранието и во регулаторните тела, со цел нивната положба да се усогласи со статусот на другите посебни државни службеници.
Власта и опозицијата со различни ставови
Од власта сметаат дека усвоените измени ќе придонесат за отстранување на претходните законски недостатоци и за поефикасна примена на прописите во јавната администрација.
Од опозициската СДСМ, пак, предупредуваат дека дел од новите одредби би можеле да создадат простор за политички притисоци врз административните службеници.
Со усвоените измени, оценувањето на работата добива уште поголемо значење за задржувањето на работното место, додека напредувањето во администрацијата ќе мора да се спроведува преку интерен оглас.
