Колку години работа му се потребни на наставник за да купи стан во Европа?
Актуелно

Колку години работа му се потребни на наставник за да купи стан во Европа?

16. 04. 2025.

Порталот Euronews, користејќи податоци од OECD и платформата Numbeo, пресмета колку месеци работа им се потребни на наставниците во Европа за да можат да си дозволат стан од 100 квадратни метри.

Обезбедувањето сопствен дом е еден од клучните фактори што влијаат на одлуката дали наставниците ќе останат во просветата, покажува истражување од 2023 година спроведено од британското здружение NASUWT (Национално здружение на училишни наставници и синдикат на жени во просветата). Повеќе од половина наставници во Обединетото Кралство (57%) кои сакаат да купат недвижнина сметаат дека тоа не е изводливо со нивната плата.

Па, колку е навистина реално наставниците ширум Европа да дојдат до свој стан?

Euronews ги споредил просечните законски пропишани плати на наставниците во пониските средни училишта со цените на квадратен метар во различни европски земји, за да пресмета колку месеци работа се потребни за купување стан или куќа. При оваа пресметка не се земени предвид каматните стапки на станбените кредити.

Ирска – најповолна за наставниците

Од 24 анализирани земји, Ирска се покажала како најповолна за наставниците кои сакаат да купат стан – недвижнина од 100 квадратни метри чини колку 106 месечни плати на просечен наставник.

Поволна состојба и во Шпанија, Холандија и Белгија

Покрај Ирска, и наставниците во Шпанија (112 месеци), Холандија (114 месеци) и Белгија (Фламанска заедница, 120 месеци) можат да си дозволат недвижнина за помалку од 10 години работа. Данска е веднаш зад нив, со просек од 126 месеци.

Во Луксембург (145 месеци), Германија (157), Португалија (162) и Англија (175), цената на станот одговара на заработка за помалку од 15 години работа.

Во девет земји во Европа, наставниците би морале да издвојат меѓу 15 и 20 години заработка за да купат стан од 100 квадратни метри. Во Италија им се потребни 191 месец, во Норвешка 192, а во Австрија дури 203 месеци.

Во Франција ситуацијата е уште понеповолна – наставниците мора да соберат 230 месечни плати за да дојдат до сопствена недвижнина.