Земјоделци сѐ помалку, храна од увоз сѐ повеќе
Актуелно

Земјоделци сѐ помалку, храна од увоз сѐ повеќе

07. 04. 2025.

Нивите обраснати со плевел, а на пазарите и во маркетите увезена храна. Тоа е реалноста со која Македонија се соочува години наназад. Само за една деценија работната сила е преполовена, производството се намалува, а потребите се задоволуваат со увоз, кој минатата година го надмина прагот од една милијарда евра.

За тие пари, од 119 земји ширум светот кај нас пристигнале 784.841.000 килограми разно-разни прехранбени производи.

Државата не е способна самата да си обезбеди храна. Уште полошо, не презема конкретни мерки да го спречи или да го забави овој погубен тренд за домашното земјоделско производство. Од 2014 до 2024, во просек, годишната потреба за увоз се зголемувала за 10.832 тони. Паралелно со тоа, растат и сумите што се одлеваат во странство. Просечно, за околу 54,95 милиони евра годишно во изминатата деценија. Истовремено, во секторот земјоделство, шумарство и рибарство бројот на активните лица е намален за 51,12 проценти. Податоците на Државниот завод за статистика што ги анализира порталот Пари, се загрижувачки.

„Во последната деценија, бројот на ангажираните во земјоделскиот сектор се намалил за повеќе од половина, што е сериозен сигнал за состојбата во оваа стратешка гранка. Намалениот интерес за работа во земјоделството е резултат на неколку клучни фактори, меѓу кои се ниските приходи, несигурниот пласман на производите, недоволната поддршка за малите земјоделци, недостатокот на системски решенија за социјална заштита, негативното влијание на климатските промени, изразениот тренд на иселување. Земјоделството не е атрактивно како дејност за младите и воопшто, за целото население во државата“, вели Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во Националната федерација на фармери.

Овој сектор, и покрај осипувањето, е меѓу трите најзначајни, по преработувачката индустрија и по трговијата (и на големо и на мало), според можностите за работа и вработување. Официјалните бројки покажуваат дека во овој, од витално значење за секоја земја, сектор, лани лебот го ваделе 62.287 лица. Пред десет години, во таа графа биле запишани 127.438 вработени.

Десет години порано, овој сектор бил вториот по важност, веднаш позади преработувачката индустрија. И, во целосната структура на вработеноста партиципирал со 18,5 проценти. Во тоа време 124.603 (97,8%) бил бројот на вработените во приватните фирми, а 2.835 во друга сопственост.

Каде се овие луѓе?

Поголемиот дел се најверојатно некаде во странство, други се овде, но работат нешто сосема друго, а тие што останаа се повозрасни генерации, кои не се многу заинтересирани за работа во земјоделието, вели професорот по социологија, Илија Ацески, кој причините за ваквата состојба ги лоцира и во тоа што Македонија веќе подолго време нема аграрна политика.

Целиот текст прочитајте го на: pari.com.mk