На само 25 години, Георги Докузов сопственикот на GD Media веќе има повеќе од една деценија искуство зад себе, но недовербата заради неговата младост останува најголемата бариера па вели: „Како млади не нè сфаќаат сериозно, не ја разбираат нашата потреба за слобода и преземање ризик“, вели тој. Од првите флаери на 14 години, до изградба на агенција што се движи со најновите дигитални трендови, неговата приказна е доказ дека младоста не е слабост – туку предност. Во ова интервју зборуваме токму за тоа што ја кочи младата генерација, каде компаниите грешат, и зошто слободата за него вреди повеќе од било која титула.
1. Што за тебе значи „успех во кариерата“ пари, позиција, слобода или нешто трето?
- Сè повеќе го ценам моментот на слобода, и тоа денес е мој главен фокус. Не во смисла да не работам ништо, туку да правам тоа што го сакам во време кое ми одговара. Искрено, на почеток сè тргна од желбата да си купам нов iPhone (ха-ха), но со тек на време сфатив дека титули и позиции никогаш не ми биле вистинска мотивација.
2. Што мислиш дека денешните компании најчесто не го разбираат за младите кои влегуваат на пазарот на труд?
- Најголемата бариера ја создаваат постарите лидери кои не нè сфаќаат сериозно и не ја разбираат нашата потреба за одговорност и преземање ризик. Често велат дека сакаат да бидеме слободни, но ни врзуваат раце. Верувам дека токму давање повеќе слобода и одговорности е клучот за подобро и подолго разбирање.
3. Како изгледаше твојот пат од млад човек до сопственик на маркетинг компанија?
- Започнав на 14 години со првиот клиент, правејќи флаери за настани. Наскоро од еден клиент станав 10, а паралелно организирав и забави во средно. Преку дизајн навлегов во менаџмент на профили, па во видео и реклами. Кога погледнав од страна, тоа веќе изгледаше како цел маркетинг круг – и тогаш одлучив да настапам како агенција.
4. Што те натера да избереш сопствен бизнис наместо класично вработување?
Отсекогаш сум знаел дека ќе имам нешто свое. На 21 година ми делуваше логично да го превземам тој ризик. И така започнав.
5. Со кои најголеми предизвици се соочуваш како млад претприемач – доверба од клиенти, конкуренција, финансии?
Најголемиот предизвик се финансии. Фидбекот од клиентите, па дури и од конкуренцијата е одличен, но токму финансиската стабилност во оваа фаза е најголемиот предизвик.
6. Кои маркетинг трендови твојата генерација ги гледа многу јасно, а постарите често ги игнорираат?
Персоналниот брендинг. Кај постарите често се гледа како фалење или чалам, бидејќи потекнуваат од време кога личното истакнување не било прифатено. Но денес токму тоа е разликата помеѓу успех и невидливост.
7. Кога организираш конференции – што мислиш дека е најважно за младите учесници: контакти, инспирација или реални можности за работа?
Инспирацијата е на прво место. Потоа доаѓаат контактите, а токму тие две нешта заедно можат да ти помогнат сам да создадеш работа.
8. Дали мислиш дека конференциите можат реално да ја сменат кариерата на млад човек – и како?
Да. Самото здружување на толку професионалци на едно место е доволно да те поттикне на акција. Може да те охрабри да се надградиш во сегашната средина или пак да ја смениш доколку не си задоволен.
9. Дали мислиш дека традиционалните факултети и дипломи уште вредат, или е доволно да имаш практични вештини и портфолио?
Кај мене се покажа дека дипломата не е неопходна – го напуштив факултетот кога ја отворив агенцијата. Но верувам дека за одредени професии традиционалното образование и понатаму е потребно.
10. Колку веруваш на AI алатки (како ChatGPT) да ти помогнат во кариерата?
Многу. Ги користам секојдневно. Верувам дека ќе станат составен дел од нашата работа, а пресудно ќе биде колку добро секој од нас ќе знае да ги користи.
11. Како денес младите се вработуваат – преку препораки, онлајн огласи или социјални мрежи?
Лично мислам дека LinkedIn е најмоќен канал. Сепак, личната препорака останува најсилното оружје.
12. Дали постарите клиенти те гледаат сериозно кога ќе чујат дека си роден во 2000 година?
На почеток не секогаш. Особено кога ќе кажам дека веќе 10 години работам во оваа индустрија – тоа обично предизвикува смеа. Сепак, резултатите после првата соработка обично ја менуваат перцепцијата.
13. Дали мислиш дека твојата генерација има подобри или полоши можности за работа во споредба со претходните?
Имаме далеку подобри. Пазарот е отворен, знаењето е неограничено и достапно. Сè зависи од тоа колку ќе се посветиме и ќе бидеме истрајни во она што го работиме.
14. Како гледаш на изјавата „младите не сакаат да работат“ – вистина или мит?
Јас би рекол дека младите не сакаат да работат работи во кои не гледаат подлабока смисла и систем за напредок. Тоа е разликата. Но далеку од тоа дека не сакаме да работиме – напротив.
15. Дали планираш да ја прошириш компанијата регионално/глобално, или сакаш да остане локална приказна?
Се движам чекор по чекор и се трудам да уживам во процесот. Не планирам премногу однапред, но регионалното проширување дефинитивно го гледам како интересен предизвик во иднина.
Георги Докузов и неговата агенција се организатори на Конференцијата BE#NEXT a темата овој пат е „Тајни на инвестирањето – како до финансиска независност“ со Главен говорник: Владимир Џукановиќ. Kонференцијата се одржува на 7 октомври, вторник во DoubleTree by Hilton, Скопје.
