Еве каде е најкритично утрово: Првиот снег донесе хаос во сообраќајот во Скопје.
Актуелно

Еве каде е најкритично утрово: Првиот снег донесе хаос во сообраќајот во Скопје.

21. 01. 2026.

Првиот снег сезонава предизвика сериозни проблеми во сообраќајот во Скопје, а голем дел од улиците утрово се непроодни или тешко проодни, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи.

Како најкритични точки се посочуваат мостот Маџари кон Ченто, како и надвозникот од населбата Даме Груев кон Ѓорче Петров, каде возилата со часови стојат во место. Според сведочењата, коловозите се замрзнати, а сообраќајот се одвива исклучително бавно или е целосно блокиран.

Проблеми се пријавуваат и во Општина Илинден, каде се создала огромна гужва, а излезот кон автопатот е речиси невозможен поради замрзнати коловози и застој на возилата. Слична состојба се бележи и во Драчево и Пинтија, каде има долги колони и исклучително лизгави сообраќајници.

Дополнителни проблеми има и во јавниот превоз. Граѓанин преку Твитер сподели:

„Снег – преубаво, ама сабајлево одам на 7-мица на Трета македонска и гледам 200 луѓе чекаат повеќе од еден час. Среќен сепак, одам пеш до Железничка, нешто ќе ме однесе до кај Симпо.“

Граѓаните апелираат до надлежните служби за побрза интервенција, чистење и посипување на улиците, особено на мостовите и надвозниците, истакнувајќи дека поради снежните услови доцнат на своите работни места.

Во меѓувреме, се препорачува возачите да бидат крајно внимателни, да користат задолжителна зимска опрема и, доколку е можно, да ги одложат патувањата додека не се стабилизира состојбата на патиштата.

Дополнително, граѓаните пријавуваат сериозен застој и на Булеварот Илинденска, каде сообраќајот е блокиран на потегот од Прокредит банка до Воената болница. Големи колони се забележуваат и од Лисиче (кај ФФМ) до Железничката станица, каде возилата се движат исклучително бавно.

Проблеми има и во Долно Лисиче, каде, според информациите, камион е заглавен на мостот кај крстосницата, поради што сообраќајот се одвива само по една лента во правец кон Скопје, што дополнително ја усложнува состојбата.

Извор:skopjeinfo.mk