Во првата половина од 2026 година на Vrabotuvanje.com беа објавени 8.142 огласи за работа, што е 796 повеќе во споредба со истиот период лани, кога беа објавени 7.346 огласи. Тоа претставува раст од 10,8%, што укажува на засилена побарувачка за работна сила и поактивен пазар на трудот во однос на првите шест месеци од 2025 година.
Продажбата останува најголемиот работодавач
Продажбата и понатаму предводи по број на огласи, следена од туризмот и угостителството, производството, ИТ и телекомуникациите и транспортот.
Туризмот, транспортот и производството со најголем раст
Растот не е ограничен на една индустрија — присутен е во повеќе клучни економски сектори. Туризмот и угостителството предводат со 52,8%, следени од Архитектура (+50,0%), Сообраќај и транспорт (+49,7%), Градежништво (+34,2%) и Производство (+32,2%).
Менаџментот, HR и администрацијата — во фокус
Посебно е значаен растот кај стручните и раководните категории. Менаџментот бележи раст од 30,3%, Човечките ресурси 28,1%, а Административните професии 15,2%. Ова покажува дека компаниите не инвестираат само во оперативен кадар — тие градат тимови со капацитет за организација, координација и стратешки развој.
.png)
Вештачката интелигенција сè уште не ги замени луѓето
Интересен тренд е што категориите поврзани со административната и финансиската поддршка не бележат намалување на побарувачката, и покрај сè почестите дискусии за влијанието на вештачката интелигенција врз овие професии. Административните професии бележат раст од 15,2%, додека категоријата „Економија, финансии и сметководство" останува стабилна со раст од 3,1%. Овие податоци покажуваат дека AI засега не претставува замена за човечкиот фактор, туку алатка што ги олеснува работните процеси. Компаниите и понатаму имаат потреба од луѓе кои ќе обезбедат организација, координација, комуникација, финансиска анализа, сметководствена евиденција, даночна усогласеност и деловна поддршка – задачи кои бараат стручност, искуство и професионално расудување. Особено кај сметководителите, побарувачката останува висока, што укажува дека и покрај дигитализацијата, квалификуваните финансиски професионалци и понатаму се меѓу клучните кадри на пазарот на труд.
Пад кај јавниот сектор
Јавните услуги и непрофитните организации бележат пад, но тоа во голема мера се должи на фактот што 2025 беше изборна година со традиционално зголемено огласување во јавниот сектор.
Заклучок
Растот од 10,8 % потврдува дека пазарот на труд останува активен. Обезбедувањето квалификуван кадар во хронично дефицитарните сектори и понатаму ќе биде една од клучните теми на домашниот пазар на труд.
