Проектот го подготвуваат три компании, меѓу кои е и Waymo, компанија за автономно возење во сопственост на Alphabet, матичната компанија на Google. Возилата ќе користат комбинација од вештачка интелигенција, камери и радари за самостојно движење низ градот.
Такси-возилата ќе работат на Ниво 4 на автономно возење, што значи дека во одредени услови можат целосно да го преземат управувањето без потреба од човечки возач.
Досега ваквата технологија во Јапонија е одобрена за автобуси што се движат по однапред утврдени рути, но планираната услуга би била прва примена на Ниво 4 во такси-превозот.
Возилата ќе ги обезбедува Nihon Kotsu, а корисниците ќе можат да ги нарачуваат преку апликациите GO и Waymo. Во случај на сообраќајна незгода, одговорноста ќе ја има компанијата што управува со возилото.
Тестирањата веќе траат во седум окрузи во Токио, каде компаниите собираат податоци за безбедноста, сообраќајот и условите на патиштата.
Една од главните причини за воведувањето на автономните такси е недостигот на возачи, особено во области со сè постаро население. Јапонската влада има уште поголема амбиција – до 2030 година да има 10.000 возила со автономно возење во употреба низ земјата.
