
Длабоко фасциниран од македонската носија, Сидор ја гледа не како нешто што припаѓа исклучиво на традицијата, туку како неисцрпен извор на инспирација и како визија за иднината. За него, секоја орнаментика, секоја боја и секоја техника на изработка е код кој може да се прочита одново и да се претвори во современ јазик на модата. Неговата најнова колекција е токму тоа – идеја и визија обликувана преку Fabric Intelligence. Со редизајнот на дресот на македонската репрезентација, Сидор покажува дека ткаенината не е мртов материјал, туку интелигентен медиум кој носи приказни, мудрост и енергија. „Секоја ткаенина има своја интелигенција и своја приказна,“ вели тој. „А кога ја преработуваш, таа приказна добива нов контекст.“
Тивок дизајнер, гласни дела
Логото на Сидор е минималистичко и мистично. На прв поглед апстрактно, но зад себе носи длабока симболика. „Тоа е дел од композиција на кошула од македонската народна носија,“ објаснува тој. „Таму ја најдов својата идентификација како бренд-дизајнер.“

Во своите интервјуа ретко сака да зборува за себе. „Гласна треба да биде мојата работа,“ вели Сидор. „Секој човек има свои пет минути – сè е во вистинско време.“ Кога ја споменува македонската носија, неговите зборови звучат и како почит, и како провокација. „Нашите баби креираа висока мода,“ вели тој. „Начинот на изработка – материјалите, орнаментите, техниката – тоа е исто и денес. Само што не се разви во индустрија.“
Дресот како манифест
Со Fabric Intelligence тој одлучи да направи нешто поинакво: дресот на македонската репрезентација, претворен во корсет. „Тоа што го направив е експеримент, естетика, контраст, инспирација,“ објаснува Сидор. „Дресот е најпрепознатливото парче денес – симбол што го носи целиот народ. Кога го претвораш во корсет, покажуваш дека секоја ткаенина може да стане нешто ново. Тоа е Fabric Intelligence.
“ Во новата колекција пак доминира црвената боја, преточена во сопствено дизајниран материјал. „Секогаш се обидувам да создадам или преработам материја – тоа ме одликува како дизајнер,“ вели тој. „А црвената е посебна. Таа е боја што ја носиме низ векови, дел од нашата традиција, и токму затоа е неисцрпна инспирација.“

Македонската мода – помеѓу традиција и иднина
Кога зборува за македонската модна сцена, Сидор е искрен: „Сè уште сме мали како држава без подлога. Треба да има повеќе брендови и дизајнери што ќе работат и надоградуваат. Само така може да се изгради сцена.“ Безвременското парче, според него, не е прашање на тренд. „Кројката, материјата, начинот на изработка и дизајнот – сите тие мора да се спојат. Само тогаш едно парче станува безвремено.“ А жените во Македонија колку се освестени за мода? „Границата се поместува, но многу полека,“ вели тој .
Сидор смета дека уметноста и комерцијата се две различни страни – но кога ќе се спојат, создаваат нешто сосема ново. „Тоа е борба, но и можност,“ додава тој.
Иднината на ткаенината
За него иднината на македонската мода лежи во образованието и свесноста. „Секој студент или средношколец треба да ја знае својата носија. Тоа е најголемата инспирација. Потоа може да се гради сè друго.“ Кога пак го прашувамe за неговата лична иднина, само се насмевнува: „Тешко е да се опишам себеси. И уште потешко е да се предвидиш себеси.“

.png)
.jpg)
.png)
.png)
.png)