53 сантиметри повеќе вода, но алармот не е исклучен: Што се случува со Преспанското Езеро?
Актуелно

53 сантиметри повеќе вода, но алармот не е исклучен: Што се случува со Преспанското Езеро?

10. 09. 2026.

Преспанското Езеро на 7 септември имало 53 сантиметри повисок водостој во споредба со истиот период минатата година. Сепак, сушниот период годинава започнал околу 20 дена порано, а од крајот на мај нивото на водата се намалило за 43 сантиметри.

Според анализата на Дејан Трајковски, ова намалување засега е во рамките на просечниот сезонски пад. До почетокот на влажниот период, кој вообичаено започнува во декември, се очекува нивото да се намали за уште 20 до 25 сантиметри.

Сепак, годинава не се очекува нов историски минимум. Обилните врнежи во претходната сезона го зголемиле нивото на езерото за 111 сантиметри, што значително ја подобрило моменталната состојба.

Но, долгорочниот тренд и понатаму загрижува. Во последните две години езерото губело по околу 50 до 55 сантиметри годишно, што е значително над повеќегодишниот просек од околу 18 сантиметри.

Според податоците на НАСА, од 1984 до 2020 година Преспанското Езеро изгубило околу 7% од површината и речиси половина од својот волумен. За запирање на овој тренд би биле потребни неколку последователни влажни сезони со обилни врнежи.