Колку заработуваат фриленсерите во Македонија?
Актуелно

Колку заработуваат фриленсерите во Македонија?

18. 08. 2026.

Работно време без шеф над глава, лаптоп наместо канцеларија и можност клиентот да биде од Германија, Америка или Австралија. На хартија, фриленсингот изгледа како работа од соништата. Во реалноста, приказната е малку поинаква. Некој месец има работа преку глава, следниот телефонот молчи. Денес имаш три клиенти, утре еден од нив може едноставно да каже дека проектот завршил.

Токму така живее добар дел од македонските фриленсери. Работат како програмери, графички дизајнери, преведувачи, копирајтери, маркетери, видео монтажери, виртуелни асистенти, предавачи по странски јазици и во уште десетици професии кои може да се продаваат преку интернет. Глобалните платформи практично го отворија светскиот пазар и за човек кој работи од стан во Скопје, Битола, Куманово или Штип.

Заработката, сепак, нема правило. Искуствата од македонскиот пазар покажуваат дека искусни фриленсери можат да стигнат до месечни приходи од 700 до 1.200 евра, додека кај програмерите и високо специјализираните професии сумите можат да одат и над 2.000 евра. Но почетокот обично изгледа многу поскромно.

„Првите години се борев за секој клиент. Работев за многу помалку пари само за да добијам препораки и да создадам портфолио“, раскажува графички дизајнер со повеќегодишно искуство во работа преку интернет.

Тука е и главната разлика со класичната работа. Фриленсерот може сам да реши кога ќе седне пред компјутер, но никој не му гарантира дека следниот месец ќе има иста заработка. Проект може да се најде брзо, но исто толку брзо може и да заврши. Затоа поискусните ретко зависат од еден клиент. Се обидуваат да имаат неколку извори на приходи, токму за отказот од еден проект да не значи празна сметка следниот месец.

„Ако не работиш, нема приходи. Сè зависи од дисциплината и од способноста да најдеш клиенти“, вели фриленсерка која класичното работно место го заменила со работа од дома.

Но парите што легнуваат од странство не се пари што едноставно се земаат и се трошат. Македонските даночни резиденти се обврзници за доходот што го остваруваат и во земјата и во странство, а стапката на данок на личен доход е 10 проценти. Приливите од странство по основ на хонорари, интелектуални услуги и фриленс работа треба да се пријавуваат, а даночната администрација бара и документација со која се докажува основата и висината на приходот.

Во последниот период контролата е и позасилена. Даночните власти информираа дека ги проверуваат податоците за приливите од странство што ги добиваат од банките и повикуваат лица кај кои се забележани приходи, а нема податоци дека биле соодветно пријавени.

Другата страна на приказната се работничките права. Фриленсерот нема работодавач што ќе му организира платен годишен одмор, класично боледување или сигурна месечна исплата. Токму социјалната сигурност, пензиското и здравственото осигурување и кредитоспособноста со години се посочуваат како дел од слабите точки на овој начин на работа во Македонија.

„Проблемите главно се околу девизните приливи и добивањето на социјалните бенефити што ги имаат вработените“, посочуваат познавачи на фриленс заедницата.

А сепак, интересот не исчезнува. Причината е едноставна. За човек со барана вештина, добар англиски јазик и сериозно портфолио, пазарот повеќе не завршува на македонската граница.

Фриленсерот може да заработи повеќе од класично вработен работник, да работи од каде сака и сам да ги избира клиентите. Но слободата си има цена. Нема сигурна плата на први, нема гаранција дека проектот ќе трае и нема кој друг да се грижи за следната работа.

Сам си газда. Ама и сам си бараш плата.