Проверете што се случува во вашата општина: Новата мапа покажува каде има западнонилска треска и ризик од комарци
Актуелно

Проверете што се случува во вашата општина: Новата мапа покажува каде има западнонилска треска и ризик од комарци

26. 08. 2026.

Граѓаните од денес имаат нов начин за следење на состојбата со западнонилската треска. Преку новата веб-страница се достапни информации за бројот на заразени лица, општините од кои доаѓаат, бројот на хоспитализирани и оздравени, како и податоците за починати лица.

На страницата healthalert.mk достапна е и мапа преку која може да се видат подрачјата со зголемен ризик од комарци, како и информациите за мерките што досега биле преземени за спречување на ширењето на вирусот.

Платформата е наменета за навремено и транспарентно информирање на јавноста, а податоците ќе се ажурираат и дополнуваат во текот на периодот.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека во Скопје е завршена четвртата тура на прскање против возрасни комарци. Дополнително, во шест од ризичните подрачја биле спроведени вонредни прскања по индикација.

По 14 август, вакви интервенции биле реализирани и на повеќе други локации, меѓу кои Драчево во општина Кисела Вода, каналите во Гази Баба, Зелениково, Студеничани, Бутел и Ѓорче Петров.

На новата веб-страница, освен податоците за заразените и ризичните подрачја, се прикажуваат и превентивните активности што се преземени во различните општини.

Министерот информираше и дека е издадено ажурирано упатство за лекарите во клиниките и матичните лекари. Особено внимание треба да се посвети на пациентите кои примаат имуносупресивна терапија.

Новата платформа има за цел граѓаните на едно место да ги добиваат најважните информации за состојбата со западнонилската треска и ризикот од комарци, со редовно дополнување на податоците од надлежните институции.