Нови правила за возачите: Казни до 500 евра и обврска што мора да се исполни за три дена
Актуелно

Нови правила за возачите: Казни до 500 евра и обврска што мора да се исполни за три дена

23. 11. 2026.

Нови електронски налепници за возилата, обврска за ажурирање на контактните податоци и казни од 100 и 500 евра се дел од измените предвидени со Предлог-законот за возила, доставен до Собранието во ноември 2026 година.

Една од главните новини е воведувањето идентификациско-еколошка налепница, електронски поврзана со Регистарот на возила на МВР. Преку неа надлежните институции ќе можат да ја проверуваат регистрацијата, техничката исправност, осигурувањето и еколошката категорија на возилото.

За оштетување, неовластено отстранување или злоупотреба на налепницата се предвидува казна од 500 евра.

Дополнително, сопствениците на возила ќе имаат обврска да пријават промена на телефонскиот број или електронската адреса најдоцна во рок од три дена. Во спротивно, предвидена е глоба од 100 евра.

Измените предвидуваат и построги контроли на станиците за технички преглед, со можност за одземање на овластувањето и казни за правните лица до 10.000 евра.

Новите правила сè уште не се во сила. Предлог-законот треба да биде усвоен во Собранието, а цената на електронските налепници и рокот за нивно обезбедување дополнително ќе се утврдуваат.