Со промената на потрошувачките и бизнис навиките, одредени професии стануваат поотпорни на економските шокови отколку други.
Според економистот Кори Стејл од платформата за вработување Indeed, најотпорни професии за време на рецесија ќе бидат оние што се најблиску до основните потреби, како што се здравството и трговијата со прехранбени производи.
Најстабилни професии
Во здравствениот сектор, меѓу најбараните и најстабилни занимања ќе бидат медицинските сестри, лекарите, хирургите и терапевтите. Побарувачката за овие професии нагло се зголеми за време на пандемијата и сè уште не стивнува, вели Стејл.
Исто така, работниците во трговијата и логистиката ќе продолжат да бидат неопходни, особено во супермаркетите и продавниците кои нудат основни намирници. Меѓу најбараните работни позиции се касиери, магационери, товарачи и работници во синџирот на снабдување, пишува CNBC.
Ако новите царински политики, како оние што ги најавува администрацијата на Трамп, доведат до повисоки цени, потрошувачите, според Стејл, веројатно ќе се фокусираат само на најосновното: „Можеби ќе ја промените храната што ја јадете, но основните потреби остануваат.“
Професии под зголемен ризик
Од друга страна, Стејл предупредува дека некои од „помалку стабилните занимања“ денес се меѓу најпопуларните – како што се развојот на софтвер и маркетингот.
Според податоците на Indeed, најсилниот пазар на труд моментално е на југот на САД, каде што бројот на огласи за работа се зголемил за 20% во споредба со периодот пред пандемијата. Наспроти тоа, на западот и североистокот – особено во технолошкиот сектор – е забележан пад на вработувањето.
Дури 75% од сите новоотворени работни места во 2024 година доаѓаат од здравството, социјалната заштита, државната администрација и угостителството.
Во исто време, бројот на работни места во развојот на софтвер е намален за дури 33% во однос на периодот пред пандемијата. Исто така, државната служба веќе не се смета за „сигурно прибежиште“ – особено со актуелната политика на Трамп, тврди Стејл.
Оваа концентрација на можности во неколку сектори доведе до „пукнатина“ на пазарот на труд, каде што позитивните просечни податоци не ја одразуваат реалноста на мнозинството луѓе кои тешко наоѓаат работа.
Клучот е во развојот на вештини и зголемување на личната вредност во која било индустрија – без разлика дали не чека рецесија.
И покрај зголемениот интерес за вештачката интелигенција, работодавачите сè уште копнеат по вработени со основни дигитални вештини, како што се работа во Excel и професионална комуникација преку е-пошта.
Извор: bizlife.rs
