На јавниот повик треба да се пријават сите студенти, без разлика дали станува збор за бруцоши или за студенти од повисоките години, доколку сакаат да го користат правото на субвенциониран оброк од 1 октомври 2026 година.
Повикот со условите и начинот на аплицирање е објавен на следниот линк.
Аплицирањето се врши електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а право на пријавување имаат редовните студенти запишани на прв и втор циклус студии, како и на интегрирани студии на јавните и приватните универзитети во државата.
Еден од условите е кандидатите да бидат државјани на Република Северна Македонија и нивните месечни приходи по кој било основ да не го надминуваат износот на минималната нето-плата во тековната година.
При поднесувањето на апликацијата, задолжително треба да се прикачат пополнетите и потпишани обрасци – Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци. Останатата документација за исполнување на условите МОН ќе ја обезбедува по службена должност од институциите што располагаат со тие податоци, меѓу кои МВР, УЈП и студентските служби на факултетите.
Студентите на кои им е потребна помош при аплицирањето можат да се обратат до Секторот за ученички и студентски стандард на електронската адреса subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.
Финансиската поддршка изнесува 140 денари дневно и е наменета за купување храна. Студентите можат да ја користат од понеделник до сабота кај правни лица што произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Надоместокот не се исплаќа за време на летниот распуст, од 1 јули до 1 октомври.
За исплатата на средствата, Министерството за образование и наука има склучено договор со Шпаркасе банка АД Скопје. Студентите кои ќе го остварат ова право ќе бидат известени по електронски пат, по што ќе треба да склучат договор со банката за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка.
Од октомври, студентите кои не го оствариле правото по овој јавен повик, како и оние на кои правото им престанало поради неисполнување на некој од условите, ќе можат повторно да аплицираат од 1 до 5 во месецот, доколку во меѓувреме ги исполнат потребните критериуми.
