При зголемен сообраќај, системот ЕЕС во Грција може привремено да функционира без земање биометриски податоци
Актуелно

При зголемен сообраќај, системот ЕЕС во Грција може привремено да функционира без земање биометриски податоци

6/5/2026

На одредени гранични премини, во случај на зголемен сообраќај, а со цел воспоставување нормален проток на патници и возила, постои можност привремено и делумно да се суспендира имплементацијата на ЕЕС системот, односно регистрацијата да се врши без земање биометриски податоци, отстапка што важи до 8 јули годинава, со можност да се продолжи до 6 септември, произлегува од одговорите на пратенички прашања доставени од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос.

Во изминатиот период, со километарските колони што во одредени денови се создаваат на копнените гранични премини, особено на „главната порта за влез/излез“, како што во Грција се нарекува граничниот премин Евзони, освен натписите во медиумите, реакциите од хотелиерите од северниот дел на земјата, неколку пратеници од различни партии, преку пратенички прашања доставени до надлежното Министерство побараа одговори и објаснувања за новиот систем на ЕУ за биометриска регистрација на сите државјани од трети земји.

Дописничката на МИА од Атина, разгледа три одговори на пратенички прашања, двете прашања се од пратеници на Нова демократија, едно од партијата Ники (Победа), додека пак одговорите, сите потпишани од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос, се два од 21 мај и последниот од 27 мај 2026 година.

Доколку се анализираат овие официјални писмени одговори од Министерството за заштита на граѓаните на Грција, што е надлежно за полицијата и за контролите на граничните премини, произлегува дека европската регулатива мора да се имплементира, меѓутоа, дава можност првично до 8 јули, а потоа автоматски се продолжува до 6 септември, доколку има исклучително голем сообраќај и предолги редици, властите привремено да ја намалат употребата на биометриските проверки за да се забрза протокот на патници, односно регистрацијата во системот да се спроведува регуларно, но без фотографирање и земање отпечатоци.

Објаснето е дека со одлука на Европската комисија од 30 јули 2025 година, на 12 октомври 2025 година започна со работа, на ниво на цела Европа, Системот за влез и излез – новата постапка за пасошка контрола на државјани на трети земји при преминување на надворешните граници на Европската Унија и нивниот влез/излез од Шенген-зоната, a целосната примена на системот беше воспоставена на 10 април 2026 година, при што целосно ја замени досегашната практика на ставање печати во патните исправи.

– Согласно регулативата, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрација во системот за сите преминувања на лицата што подлежат на регистрација, меѓутоа до 6 септември 2026 година, во исклучителни околности што доведуваат до сообраќај од таков интензитет што времето на чекање на граничните премини станува прекумерно, постои можност за делумно суспендирање на употребата на ЕЕС (регистрација во системот без земање биометриски податоци). Оттука, од 10 април 2026 година е задолжителна регистрацијата во системот на сите преминувања, дури и кога не се земаат биометриски податоци, при што остануваат оперативно достапни сите алтернативни процедури предвидени во член 21 од Регулативата (ЕУ) 2017/2226, пишува во одговорот од заменик-министерот од 27 мај.

Извор: skopjeinfo.mk