Македонците најкратко работат и најбрзо одат во пензија
Актуелно

Македонците најкратко работат и најбрзо одат во пензија

8/15/2025

Побрзо с епензионираат само Турците

Македонските работници имаат еден од најкратките работни векови во Европа – во просек само 31,5 години, покажуваат податоците на Евростат. Со оваа бројка, земјата е на дното заедно со Турција (30,2 години) и Црна Гора (32,1 година).

Во споредба, жителите на Исланд работат во просек 46,3 години, Холанѓаните 43,8, а Швеѓаните 43 години. Просекот во Европската Унија изнесува 37,2 години, што е зголемување за 2,4 години во последната деценија.

Северот работи подолго, Балканот пократко

Разликите се драстични. Северните земји и дел од Западна Европа бележат значително подолг работен век. Освен Исланд, Холандија и Шведска, високи бројки имаат и Данска (42,5), Норвешка (41,2) и Швајцарија (42,8).
Во спротивност, земјите од Југоисточна Европа и Балканот, меѓу кои и Македонија, се на дното на листата, со работен век што е за околу една деценија пократок од европскиот врв.

Тренд на продолжување во ЕУ

Во последните години, повеќето земји во ЕУ ја зголемија возраста за пензионирање и ги намалија можностите за предвремено пензионирање. Со тоа, просечниот работен век во Унијата се зголеми од 34,8 години во 2014 на 37,2 години во 2024.

Доколку Македонија сака да се приближи до европските стандарди, експертите предупредуваат дека ќе треба сериозно да се реформираат политиките за пензионирање, вработување и заштита на работниците во подоцнежните години од нивната кариера.