Од вечниот град, Истанбул, до познатите самовилски оџаци во Кападокија или сончевите брегови на Анталија, земјата и натаму потврдува зошто го носи епитетот врвна туристичка дестинација. Лесно достапна од сите делови на светот, Турција останува сигурна дестинација за туристи од целиот свет и важен центар за големи меѓународни настани. За оваа година е предвиден богат календар на светски конференции, големи концерти и спортски натпревари, што дополнително ќе ја оживее туристичката сцена.
Нема да изостанат ниту спортските настани, а меѓу најзначајните се издвојуваат Финалето на Лигата на Европа на УЕФА во мај, Босфорската меѓуконтинентална пливачка трка во август, Европското првенство во одбојка за жени 2026 во август и септември, како и велосипедските трки Истанбул Тур и турската етапа на Тур д’Франс во септември, а меѓу октомври и ноември, пак, ќе се одржи и Претседателската меѓународна јахтинг трка.
Една од највпечатливите дестинации за значајни настани е Анталија, позната по својата блага клима во текот на целата година. Покрај културните настани како светски познатиот Фестивал за опера и балет Аспендос, градот во ноември ќе биде домаќин и на големи меѓународни собири, меѓу кои Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени, како и Меѓународниот астронаутски конгрес. Со своите бројни можности за спорт, градот ќе биде домаќин и на значајни спортски настани како Тур на Анталија, Ранталија маратон, како и голф-турнирот Туркиш ерлајнс опен. Разновидна понуда на настани има и во Мугла, каде што Бодрум се издвојува со меѓународниот џез фестивал, а Мармарис и Фетије се познати по своите Ултра Трејл трки во април. Во Измир годината ќе биде исполнета со концерти, меѓу кои настапот на Крис Ајзак во јуни, но и со популарниот Алачати Херб Фестивал, кој секоја пролет се одржува на полуостровот Чешме.
Подалеку од крајбрежјето, најдобар начин да се доживеат волшебните карпести формации на Кападокија е посетата на Фестивалот на балони со топол воздух во јули, додека во октомври, Саломон Кападокија Ултра Трејл, кој се одржува по 13-ти пат, привлекува тркачи и авантуристи од целиот свет. Во април посетителите можат да учествуваат на Карневалот на цветови од портокал во Адана, а Коња, пак, секоја година е домаќин на Фестивалот на Мевлана со вртечките дервиши, кој нуди културно искуство со вековни традиции.
Извор:nezavisen.mk
