Зошто луѓето се откажуваат од новогодишните одлуки уште во јануари?
Актуелно

Зошто луѓето се откажуваат од новогодишните одлуки уште во јануари?

1/31/2026

Недостигот од поддршка е главната причина за откажување од слабеење кај повеќе од половина лица со дебелина – дури 55 отсто, додека 43 отсто од Европејците не знаат дека Светската здравствена организација ја класифицира дебелината како хронична болест. Ова се податоци од ново европско истражување на компанијата Novo Nordisk, објавено во пресрет на таканаречениот „Ден на откажувањето“, денот кога милиони луѓе попуштаат во придржувањето кон новогодишните одлуки.

Истражувањето, спроведено во пет европски земји, покажува дека длабоко вкоренетото неразбирање на дебелината, заедно со стигматизацијата и фокусот на „силата на волјата“, создава чувство на осаменост и обесхрабрување кај луѓето кои живеат со оваа состојба и директно влијае врз тоа тие да се откажат од долгорочни промени.

„Само потруди се повеќе“ – мит што скапо нè чини

Фактот дека речиси половина од испитаниците не ја препознаваат дебелината како хронична болест одржува штетен наратив според кој управувањето со дебелината се прикажува како едноставно прашање на „помал внес на храна и повеќе движење“. Вистината е сосема поинаква – станува збор за сложен здравствен предизвик кој бара континуирана медицинска и општествена поддршка.

Помалку од половина од лицата кои живеат со дебелина (48 отсто) сметаат дека општеството ја разбира нивната состојба како хронична болест, додека мнозинството има впечаток дека дебелината и понатаму се гледа исклучиво како прашање на животен стил.

Јануари е најтежок: кога изостанува поддршката, луѓето се откажуваат

Јануари, месецот на нови почетоци, за многумина станува и месец на најголем притисок. Според истражувањето, 55 отсто од лицата со дебелина кои се обидуваат да ја намалат телесната тежина во јануари наведуваат дека недостигот од поддршка е клучната пречка за истрајување.

Ова покажува дека проблемот не е во мотивацијата на поединецот, туку во отсуството на систем за поддршка кој би овозможил одржливи промени.

Стигмата како секојдневие

Податоците јасно покажуваат колку стигмата е длабоко вкоренета:

• 85 отсто од испитаниците веруваат дека лицата со дебелина доживуваат умерена до многу изразена стигматизација поради телесната тежина

• 81 отсто сметаат дека негативните културни очекувања поврзани со изгледот имаат умерено до силно негативно влијание врз поединците во општеството

Таквата средина остава сериозни последици – не само врз физичкото, туку и врз менталното и социјалното здравје. Речиси 9 од 10 лица со дебелина (89 отсто) наведуваат дека оваа состојба негативно влијае врз нивното ментално здравје, додека 86 отсто велат дека влијае врз нивните социјални интеракции. За повеќето испитаници, овој ефект не е благ – туку умерен до силен.

И покрај тоа, само 18 отсто од лицата со дебелина сметаат дека здравствените работници целосно ги разбираат нивните грижи и проблеми, што дополнително го продлабочува чувството на неразбирање и изолација.

Холистички пристап наместо брзи решенија

Интересно е што самите испитаници јасно порачуваат што им е потребно: 73 отсто од лицата со дебелина сметаат дека разговорите треба да се фокусираат на општото здравје и благосостојба, а не исклучиво на килограмите и бројките на вагата. Тоа е и клучната порака на истражувањето – поместување на фокусот од краткорочни одлуки и индивидуална одговорност кон долгорочен, холистички пристап.

Од „силата на волјата“ до силата на заедницата

„Културата на новогодишните одлуки, иако добронамерна, често зацврстува поедноставен и штетен поглед на дебелината. Кога резултатите изостануваат, доаѓа до неоправдано обвинување и стигматизација. Податоците јасно покажуваат дека општеството сè уште не ја разбира дебелината како хронична болест“, истакнуваат од компанијата Novo Nordisk.

Дебелината е еден од најголемите здравствени предизвици на денешницата: глобално ја погодува секоја седма личност, а се очекува во следната деценија да зафати дури две милијарди луѓе. За многумина тоа значи живот со нарушено здравје и намален квалитет на живот, како и значителен економски товар за општеството.