Најпознатиот австралиски магазин за храна „Good Food” пишува за македонскиот бурек – приказна за традицијата, автентичноста и успехот на семејството Радевски
Актуелно

Најпознатиот австралиски магазин за храна „Good Food” пишува за македонскиот бурек – приказна за традицијата, автентичноста и успехот на семејството Радевски

1/31/2026

Најпознатиот австралиски магазин за храна, Good Food Australia, објави обемна сторија за бурекот што се подготвува во Рокдејл, Сиднеј, зад кој стојат браќата Никола и Јован Радевски.

Во текстот се наведува дека иако некои го нарекуваат „борек“, браќата го користат неговото балканско име – бурек, и секое утро се потпираат на „100 години стар рецепт од нивниот македонски прадедо“, според кој подготвуваат „седум солени и слатки варијанти, целосно од нула, во нивниот локал во Рокдејл“.

Во објавата тие се опишани како „четврта генерација пекари од Рокдејл кои прават само едно нешто – бурек што е крцкав, златен и совршен за следниот пикник“. Good Food посочува дека бурекот се подготвува секојдневно, често и по нарачка, што, според авторот на сторијата, најдобро ја објаснува неговата побарувачка и свежина.

Иако австралиската публика одамна е запознаена со гирото и гезлемето, бурекот, како што наведува магазинот, сè уште предизвикува љубопитност. „Прашајте кого било и ќе знае што е гиро, ќе знае што е гезлеме, но и денес луѓето влегуваат и прашуваат: ‘Што е бурек?’“, се наведува во текстот, како показател за тоа дека овој производ допрва го освојува своето место во локалната гастрономија.

Сторијата ја следи и семејната линија на занаетот. Good Food пишува дека браќата Радевски пораснале со бурек, дека нивниот прадедо Бозин Радевски бил бурекџија на Балканот, а нивниот татко, Ристо Радевски, ја продолжил традицијата во Рокдејл, во локалната бурекџилница „Pella Burek“.

По објавата, следеа бројни реакции од читателите на Good Food, кои преку коментарите јасно ја изразија поддршката и воодушевувањето. „Вау, превкусно, и навистина ја обожавам приказната и автентичноста зад оваа неверојатна храна“, „Најдобриот бурек во Сиднеј, без конкуренција – купувам само од тука“, како и „Најдобар бурек надвор од Балканот. Секоја чест момци“, се само дел од реакциите што ја следеа објавата.

Со оваа сторија, Good Food го истакнува бурекот на семејството Радевски како редок пример за успешно пренесена балканска, односно македонска традиција, која преку семеен занает и фокус на еден производ, успева да го привлече вниманието на австралиската гастрономска јавност.

Извор: skopjeinfo.mk