Дали паметните телефони придонесуваат за падот на наталитетот? Нови студии посочуваат на можна врска
Актуелно

Дали паметните телефони придонесуваат за падот на наталитетот? Нови студии посочуваат на можна врска

10. 06. 2026.

Две нови американски студии отвораат неочекувана дебата за причините зад падот на наталитетот ширум светот, посочувајќи дека паметните телефони можеби се еден од факторите што придонесуваат за намалување на бројот на раѓања.

Во Соединетите Американски Држави, стапката на плодност е намалена за 22 проценти од 2007 година наваму – период што се совпаѓа со појавата на првиот iPhone. Истражувачите од Универзитетот „Мидлбери“ анализирале податоци од американските окрузи и утврдиле дека подрачјата каде што корисниците порано имале пристап до iPhone забележале поголем пад на бројот на деца по жена во споредба со областите каде што уредот не бил широко достапен.

Според авторите на студијата, најизразен е падот кај младите жени на возраст од 15 до 24 години и во голема мера се поврзува со намалување на бројот на непланирани бремености.

Истражувачите сметаат дека причината не лежи исклучиво во економските фактори и трошоците за одгледување деца, туку и во промените во начинот на живот. Тие посочуваат дека со ширењето на паметните телефони се намалило времето поминато во дружење и непосредни социјални контакти, како и сексуалната активност, додека истовремено се зголемила консумацијата на порнографски содржини.

Слични заклучоци донеле и економисти од Универзитетот во Синсинати, кои анализирале податоци од 128 земји. Нивната студија покажала дека падот на наталитетот се забрзал со масовното прифаќање на паметните телефони, без оглед на различните културни, економски и општествени околности.

Сепак, авторите нагласуваат дека паметните телефони не се единствената причина за демографските промени. Тие претставуваат само еден од повеќето фактори што влијаат врз одлуките за родителство, заедно со економската несигурност, променетите животни навики и општествените вредности.

Според истражувачите, овие сознанија отвораат нови прашања за тоа колку традиционалните мерки за поттикнување на наталитетот, кои главно се засноваат на финансиска поддршка, можат да бидат ефикасни во време кога технологијата суштински ги менува човечките односи и секојдневниот живот. 

Извор:skopje1.mk