Започната е исплатата на средства на апликацијата „Мој ДДВ“ за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од минатата година, велат од Управата за јавни приходи (УЈП).
За последниот квартал од минатата година од УЈП велат дека ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526 123 корисници на апликацијата.
Од почетокот на исплатата реализирани се 184,5 милиони денари кон 104 000 корисници.
Од УЈП велат дека исплатата на средствата продолжува и оти како што се обработуваат налозите, така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на „Мој ДДВ“.
Оттаму напомeнуваат дека 5 292 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што не се во можност да ја реализираат исплатата.
„Доколку немате добиено средства, проверете ги и ажурирајте ги податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ. На тој начин УЈП ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на ’Мој ДДВ’“, велат од Управата за јавни приходи.
