Угостителите побарале одложување на примената на Законот против пушењето и воведување преоден период со информативна кампања, пред целосното стапување во сила на законските одредби. Ова било истакнато на средбата со државниот секретар во Министерството за економија и труд, на која биле разгледани предизвиците со кои се соочува секторот.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши вели дека идната недела се очекува нов состанок на кој ќе присуствуваат и тој и министерот за здравство, Арбен Алиу, со цел да се разгледаат сите можни решенија пред почетокот на имплементацијата на Законот, закажана за 1 март. Иако не прецизираше дали постои реална можност за пролонгирање на примената, Дурмиши потенцираше дека примарната цел на законските измени е заштитата на јавното здравје, но и постигнување решение кое ќе биде прифатливо за сите засегнати страни.
– Ги слушнавме забелешките на угостителите кои побарале одреден временски период до стапување во сила на Законот, односно прво да одиме со кампања, па со информации, а потоа да почне примената, за да бидат подготвени – изјави Дурмиши.
Барањето на угостителите доаѓа во чувствителен момент за секторот, кој и натаму се соочува со последиците од претходните кризи, зголемени трошоци и недостиг на работна сила. Тие предупредуваат дека ненадејната примена на Законот може да има негативно влијание врз прометот, особено кај малите локали.
Од друга страна, здравствените власти инсистираат дека одложувањето на мерките го продолжува изложувањето на граѓаните и вработените на пасивно пушење, што претставува сериозен јавно-здравствен ризик. Оттука, претстојниот состанок се гледа како клучен обид за балансирање меѓу здравствените приоритети и економската реалност.
Според најавите од Министерството за економија и труд, конечната одлука ќе биде донесена по консултација со сите релевантни чинители.
– Ќе им ја повториме целта на Законот и на крај ќе донесеме одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни, вклучувајќи ги и угостителите – нагласи Дурмиши.
Дали тоа ќе значи временско пролонгирање, фазна примена или засилена информативна кампања без поместување на рокот, ќе стане појасно по средбата со министерот за здравство. Јасно е, сепак, дека имплементацијата на Законот против пушењето останува тема што отвора поширока дебата за односот меѓу јавното здравје и економската одржливост на чувствителните сектори.
