Македонските градежници на пеколните +40 степени: Се „пржат“ на сонце за плати кои се трипати помали од европските
Актуелно

Македонските градежници на пеколните +40 степени: Се „пржат“ на сонце за плати кои се трипати помали од европските

24. 06. 2026.

Градежниците работат на екстремни температури над +40 степени Целзиусови и во многу тешки услови, често без соодветна заштитна опрема, за плати кои се меѓу пониските во регионот.

Според податоците на синдикатите и статистиката, градежните работници во Хрватска и Словенија заработуваат и два до три пати повеќе од своите колеги во Македонија, додека повисоки примања имаат и работниците во Србија и Црна Гора. Во услови на недостиг од квалификувана работна сила и постојано заминување на работници во странство, Синдикатот за градежништво апелира до работодавачите и институциите да преземат итни мерки за заштита на вработените од последиците од топлотниот бран.

Од Синдикатот бараат работниците да не бидат изложени на директно сонце во најтоплиот дел од денот, односно во периодот од 11 до 17 часот, кога ризикот од топлотен удар, дехидратација и сериозни здравствени последици е најголем.

– Безбедноста и здравјето на работниците мора да бидат над секој рок и профит. Апелираме до работодавачите доследно да ги почитуваат препораките за работа во услови на топлотен бран и да не ги изложуваат работниците на непотребни ризици. Ниту еден градежен проект не вреди повеќе од човечкиот живот и здравје. Особено е важно да се обезбедат доволни количини вода, паузи и соодветни услови за работа во најтоплиот дел од денот, изјави за „Локално“ претседателот на Синдикатот, Иван Пешевски.

Синдикатот бара и проверка на техничко-технолошките мерки за заштита на работните места, вклучително и обезбедување соодветна вентилација и климатизација каде што тоа е можно. Од таму потсетуваат дека препораките се во согласност со Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението и мерките за безбедност и здравје при работа. Според нив, работодавачите имаат законска и морална обврска да обезбедат услови кои нема да го загрозат здравјето на вработените. Предупредуваат дека продолжената изложеност на високи температури може да предизвика топлотна исцрпеност, дехидратација, пад на концентрацијата и зголемен ризик од несреќи и повреди на работното место.

Извор: biznisinfo.mk