Во групите за земјоделство и продажба на домашни производи се нудат јаболка, кајсии, домати, краставици и други земјоделски производи. Дел од нив се продаваат веќе набрани, но има и производители кои директно ги повикуваат заинтересираните да дојдат на нивата и сами да си го соберат она што сакаат да го купат.
Меѓу огласите има понуди за домашни домати по 100 денари за килограм, набрани пред купувачот, како и кајсии по 40 денари за килограм доколку купувачот сам ги набере.
Посебно внимание привлече оглас во кој се нуди целиот род од домати и пиперки засадени на шест декари.
Станува збор за 3,5 декари со пиперки и 2,5 декари со домати во село Кукуричани. Производителот проценува дека има околу 10 тони домати и дополнителни шест до седум тони пиперки и го нуди целиот род за 2.500 евра, под услов купувачот сам да го собере.
Пресметката покажува дека при ваква продажба просечната цена би била под 10 денари за килограм. Тоа е три до четири пати пониска цена од онаа што производителот би можел да ја добие доколку зеленчукот е набран и продаден на големо.
Причината за ваквите понуди не е само желбата производите побрзо да стигнат до купувачите. Земјоделците сè почесто предупредуваат дека немаат доволно луѓе за берба, а цената на сезонската работна сила расте и тешко може да се вклопи во ниските откупни цени.
Според Националната земјоделска мрежа, сезонската работна сила во моментов се плаќа меѓу 300 и 400 денари за еден работен час.
Од Мрежата велат дека немаат забелешки на висината на надоместокот што го добиваат работниците, туку на фактот што производителите тешко можат да го покријат тој трошок кога земјоделските производи се откупуваат по цени кои се блиску до, а во некои случаи и под производствените трошоци.
Претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорѓи Каракашев, посочува дека дополнителен трошок за производителите носи и законската обврска сезонските работници да бидат осигурени.
Недостигот на работници, според него, во одредени случаи доведува до тоа произведената храна воопшто да не биде собрана и да остане на нивите.
Дополнителен проблем е возраста на луѓето кои сè уште се занимаваат со оваа работа. Младите покажуваат многу мал интерес за земјоделството и сезонската работа, додека расположливата работна сила во голем дел ја сочинуваат повозрасни лица.
Од Националната земјоделска мрежа предупредуваат дека доколку ваквиот тренд продолжи, домашното земјоделско производство може дополнително да се намалува во следните години.
Притисокот врз производителите го покажуваат и последните статистички податоци. Во јули, во споредба со истиот месец минатата година, цените во земјоделството се намалиле за 5,5%.
Во исто време, влезните трошоци се зголемиле за 4,1%. Тековно потрошените средства во земјоделството поскапеле за 3,7%, додека трошоците поврзани со инвестиции се зголемиле за 8,9%.
Така дел од земјоделците се наоѓаат пред едноставна, но тешка пресметка: или да платат сè поскапа берба, или да го продадат родот многу поевтино и да му кажат на купувачот – дојди и набери си сам.
