Плата во плик земаат над 90 илјади работници во државата
Актуелно

Плата во плик земаат над 90 илјади работници во државата

04. 03. 2026.

Над 90 илјади работници, односно 13 отсто од вкупниот број вработени во Македонија, работат на црно, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за последниот квартал од 2025 година.

Вкупниот број вработени во земјава изнесува 709.523 граѓани, додека бројот на невработени се движи нешто над 90 илјади. За сива економија се потребни двајца. Вината е и кај вработените што прифаќаат да работат непријавени и кај газдите што ги принудуваат да работат без да им ги платат обврските кон државата. На тој начин, оштетени се и работникот и државните фондови за пензиско и за здравствено осигурување, сметаат експертите.

– Над 90 илјади не е број на „фатени“ работници од инспекцијата, туку официјална статистичка процена на Државниот завод за статистика за неформалната вработеност во четвртото тримесечје од 2025 година. Економскиот проблем не е само во „бројката“ туку и во структурата и во состојбите што ја стимулираат. ДЗС покажува дека речиси половина од неформалната вработеност е концентрирана во земјоделството, шумарството и во рибарството – 45,9 %, а значаен дел и во градежништвото – 16,9 %. Тоа ни кажува дека ова е системски феномен поврзан со сезонскиот карактер на овие дејности, кои најчесто имаат ниска продуктивност, микробизниси и плаќање во готово, а не само „недоволна контрола“ од страна на системот – изјави за весникот ВЕЧЕР извршниот директор на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, Виктор Митевски.

Кога велиме „работа на црно“, „плата во плик“ и „неиздавање фискални“, зборуваме за различни канали на сивата економија. Неформалната вработеност што ја мери ДЗС е најблиску до „работата на црно“, но „платата во плик“ често значи дека работникот е формално пријавен на минимална основа, а дел од доходот е скриен.

– Суштината е дека сивата економија е резултат на пресметка, ако формалното работење е комплицирано и скапо, а ризикот да бидеш фатен е низок и непредвидлив, тогаш дел од фирмите и работодавците ќе останат во сиво дури и кога ќе има јасни правила и нивна неселективна примена – вели Митевски.

Според него, борбата со сивата економија не се добива само со повеќе соопштенија и информации туку и со системска комбинација од поедноставени процедури, правна сигурност и паметна, правична контрола што е насочена таму каде што е најголем ризикот.

– Намалувањето на готовината, кешот во оптек е едно од најефикасните решенија. Кога нема да биде користен кешот во секојдневното работење, нема ни да има работници што ќе бидат заинтересирани да добиваат дел од својот доход во плик. Истото важи и за неиздавањето фискални сметки. Нема да има кеш со кој ќе може да се покрие неевидентираниот промет, односно тој ќе мора да помине низ даночната евиденција – вели Митевски.

Универзитетскиот професор Лазар Јовевски смета дека дел од луѓето што се во сивата економија сметаат дека на тој начин подобро ќе поминат низ системот.

– Дали да не се плати данок, дали да не се заснова работен однос од некои други причини? Проблемот на охрабрувањето дури, во одредена смисла, не зборувам за сите, не генерализирам, во бизнис-заедницата се стимулира работата на црно, поради, би рекол, нискиот перформанс што го имаме како бизнис-состојба во Македонија – вели Јовевски.

Од Управата за јавни приходи велат дека редовно вршат инспекциски контроли во секторите што се препознатливи по сивата економија. Како еден од начините е следењето на трговијата во кеш. Оваа година УЈП го прошири опсегот на дејности што ги опфаќа, односно ќе се контролираат компаниите што вршат дистрибуција во делот на трговијата и угостителството, сместувачките капацитети… Ова е барање на бизнис-секторот, каде што најмногу се чувствува сивата економија.

Според процените, државниот буџет секоја година губи по околу 500 милиони евра само по основ на сива економија. Тие пари наместо да се инвестираат во здравството, образованието или во инфраструктурата, завршуваат во џебовите на газдите, кои ги обезбедуваат преку неплаќање на даноците.

Извор: vecer.press