Една од најважните ставки е ранецот. Според продавачите, подобро е да се инвестира во поквалитетен ранец кој правилно ќе лежи на грбот на детето и ќе може да се користи неколку години, отколку да се купи евтин модел кој брзо ќе се оштети.
„Ранецот треба добро да лежи и да се приспособува на грбот на детето. Особено кај помалите деца е важно да се избере квалитетен ранец и добар прибор. Најголем дел од ранците се изработени од полиестер, лесни се за одржување, а децата најчесто ги избираат според дизајнот“, велат од книжарница во Битола.
Од таму советуваат родителите да не купуваат производи само затоа што се евтини, особено кога станува збор за лепила, моливи, пенкала и други производи кои директно ги користат децата. Како пример посочуваат дека молив од 10 денари може потешко да се остри и побрзо да се оштети, додека малку поскапиот производ може да трае значително подолго.
Слично е и со блоковите за ликовно. Некои видови хартија не ја впиваат добро водата и температа, додека поквалитетните блокови се попогодни за работа и даваат подобри резултати.
Од друга книжарница советуваат родителите најпрво да утврдат со каков буџет располагаат и потоа да го направат изборот.
„Не треба да се купува луксузен прибор ако тоа не го дозволува буџетот, но не е добро ниту секогаш да се оди кон најевтината варијанта. Добар ранец со анатомско перниче може да се најде и за околу 800 денари. Евтиниот ранец може да се скине за кратко време, па повторно ќе треба да се купува“, објаснуваат од велешка книжарница.
Од таму како поквалитетни ги издвојуваат хрватските и италијанските производи, особено кај моливите, дрвените боици и фломастерите. Сепак, нагласуваат дека и меѓу поевтините производи може да се најдат добри опции.
Во книжарница во Неготино велат дека цените значително варираат во зависност од производот и брендот. Тетратки може да се најдат за околу 30 денари, но има и модели од 50 денари. Несесерите се движат од околу 100 до 300 денари, додека ранците може да чинат од 600 денари до 3.000 денари и повеќе. Дрвените боици се продаваат по цени од околу 80 до 150 денари, а темперните бои од 150 до 300 денари.
За да се намалат трошоците пред почетокот на учебната година, Министерството за економија и труд подготви и нацрт-одлука за воведување „училишна кошничка“. Таа би овозможила училишниот прибор да се купува по пониски цени.
Според предлогот, училишната кошничка би се продавала со попуст до 15 проценти, додека составот и конечната цена ќе зависат од конкретниот трговец, избраните производи, нивниот квалитет и бренд.
