Македонците ќе патуваат по нови правила: Еве што ќе ви бараат на граница
Актуелно

Македонците ќе патуваат по нови правила: Еве што ќе ви бараат на граница

9/14/2026

Патувањето на македонските граѓани во Шенген-зоната веќе се одвива според нови правила. Европската унија воведе два системи – ЕЕС и ЕТИАС, кои имаат различна намена.

ЕЕС (Entry/Exit System) веќе се применува и ги заменува печатите во пасошите со дигитална регистрација на влезот и излезот од Шенген-зоната. При преминување на границата се евидентираат податоците од патната исправа, фотографија и отпечатоци од прсти, како и датумот и местото на влез и излез.

Системот се однесува на граѓани од земји надвор од ЕУ кои патуваат на краток престој, односно најмногу 90 дена во период од 180 дена. Целта е полесно следење на престојот, спречување на прекршувања на правилата и откривање фалсификувани документи.

ЕТИАС, пак, сè уште не е активен. Тој ќе претставува задолжителна онлајн дозвола за патување за граѓаните на земји кои имаат безвизен режим со Шенген, меѓу кои е и Северна Македонија.

Апликацијата ќе се поднесува пред патувањето, а според актуелните информации надоместокот ќе биде 20 евра по лице. Одобрената дозвола ќе важи до три години или до истекот на пасошот.

Иако ЕТИАС претходно се очекуваше да започне во 2026 година, конкретниот датум повеќе не е наведен. Македонските граѓани во моментов не треба да поднесуваат апликација ниту да плаќаат за ЕТИАС. Европската комисија дополнително ќе го објави датумот на неговото воведување.