Сè почесто низ светот се поставува прашањето: Дали е можно да се работи помалку, а да се постигне повеќе? Во последните неколку години, повеќе земји започнаа експерименти со четиридневна работна недела и шестчасовен работен ден, со цел да ја зголемат продуктивноста, да го намалат стресот и да обезбедат подобар баланс помеѓу работата и приватниот живот.
Исланд беше меѓу првите што спроведе голем пилот-проект со четиридневна работна недела, при што резултатите покажаа зголемена ефикасност и поголемо задоволство кај вработените. По нивниот пример, Јапонија, каде што преработеноста е сериозен социјален проблем, исто така тестираше ваков модел – Microsoft Japan пријави зголемена продуктивност од дури 40%. Во Шведска, пак, неколку компании воведоа 6-часовен работен ден, што резултираше со помал замор кај вработените и подобра атмосфера на работното место.
Овие позитивни искуства отворија важна дебата: дали традиционалниот модел на работа е веќе застарен?
На Vrabotuvanje.com.mk спроведовме анкета со цел да дознаеме како македонските граѓани гледаат на можноста за скратување на работното време.
Прашањето што го поставивме беше: „Кога би можеле да скратиме од работното време, што би избрале?“
Во анкетата учествуваа испитаници (посетители на нашиот сајт), а нивните одговори ни открија интересни тенденции во однос на тоа дали повеќе се преферира четиридневна работна недела, шестчасовен работен ден или задржување на постојниот распоред.
Резултати од анкетата:
• 41% – би избрале 4-дневна работна недела
• 31% – би сакале 6-часовен работен ден
• 28% – не би менувале ништо
Што ни кажуваат овие бројки?
Речиси секој втор испитаник (41%) би го скратил бројот на работни денови во неделата, во замена за подолг викенд или повеќе слободни денови. Овој податок укажува дека четиридневната работна недела станува сè попривлечна идеја за многумина, особено во контекст на растечкиот замор, потребата за одмор и желбата за подобар баланс помеѓу личниот и професионалниот живот.
„Поголема ефективност во работата, повеќе време за себе.“
„Доколку се работи ефективно, нивото на завршена работа ќе остане исто како кога би се работело 5 дена, но не толку ефективно.“
Овие коментари ја потврдуваат претпоставката дека вработените не сакаат да работат помалку – туку попаметно, со јасно дефинирани задачи и резултати, а притоа да имаат доволно време за себе, семејството и одмор.
Помалку часови дневно (6-часовен работен ден) – 31%
Третина од учесниците во анкетата се изјаснија дека би сакале пократок работен ден, односно 6-часовна работна смена. Оваа опција е особено популарна кај оние што сакаат подобар дневен распоред и повеќе време за себе и своето семејство, без да ја жртвуваат продуктивноста.
„Поголема ефикасност во работата, повеќе концентрација. Од моменталните 8 работни саати, ефективно сработени се 6 – во 95% од случаите.“
„За осум часа работни дневно, јас губам вкупно 11 часа секој ден.“
„5 дена по 6 часа работа. Ако има потреба од работа сабота и недела, тоа да се плаќа многу повеќе. Така ќе можеш да бидеш со децата и фамилијата и пак да си многу по продуктивен.“
„Или да се дозволи паузите да се распределуваат измеѓу работното време каде што се може.“
„Ова го одбрав за да не се губи континуитет во работата. После 3 дена неработење, секоја нова работна недела ќе биде тешка за адаптација, што ќе влијае на продуктивноста. Намалувањето на работни часови ќе биде голем бенефит за сите.“
Очигледно, поддржувачите на оваа опција имаат јасни и аргументирани ставови – бараат пократок, но попродуктивен работен ден, кој остава простор за личен живот, без да се изгуби работниот ритам.
Не би менувал ништо – 28%
Повеќе од една четвртина од испитаниците изјавиле дека не би менувале ништо во своето работно време. Иако ова можеби изгледа како отпор кон промени, може да укаже и на задоволство од постојниот распоред, стабилност на работното место или личен работен стил кој добро функционира.
„Сметам дека е потребна структура и дисциплина. Со сегашниот распоред имам јасна организација и рутина што ми одговара.“
„Работниот ден ми е добро распределен – имам време и за обврски и за себе.“
„Некои луѓе функционираат подобро со воспоставен ритам. Не секој сака промени ако не се неопходни.“
Иако помалку звучно, овој процент претставува важна група што го гледа работниот модел како дел од личниот успех и стабилност, што исто така треба да се земе предвид при евентуални организациски промени.
Размислување во чекор со светот
Темата за намалување на работното време сè почесто се отвора и на глобално ниво. Од Исланд до Јапонија, компаниите експериментираат со нови модели на работа, и сè повеќе истражувања покажуваат дека скратеното работно време не значи нужно и намалена продуктивност – напротив.
Во таа насока, резултатите од оваа анкета само потврдуваат дека и македонските вработени се подготвени да размислуваат надвор од традиционалните рамки – со фокус на благосостојбата, ефикасноста и квалитетот на животот.
Заклучок
Анкетата ни покажа дека постои силна желба за реформа на работното време, но и дека ставовите на вработените се различни – некои сакаат повеќе слободни денови, други поприлагодлив дневен распоред, а има и такви кои се задоволни со постојниот модел. Оваа поделеност отвора простор за натамошна дебата, но и за потенцијални пилот-проекти кај прогресивни работодавачи.
А вие што мислите?
Дали би работеле пократка недела или пократок ден – или сте задоволни со сегашното? Следете нè на Vrabotuvanje.com.mk и вклучете се во следната анкета!
