Математика на преживување: Животот поскапе за 2.500 денари, платата расте само за 1.667
Актуелно

Математика на преживување: Животот поскапе за 2.500 денари, платата расте само за 1.667

3/19/2026

„За три месеци животот поскапел за околу 2.500 денари, а минималната плата ќе се усогласува за 1.667 денари“ – реагираат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во ново соопштение за трошоците за живот.

Според податоците на ССМ, вредноста на Синдикалната минимална кошница за март 2026 година изнесува 67.818 денари, што е зголемување од 436 денари во однос на февруари.

ССМ посочува дека во периодот јануари – март 2026 година, трошоците за живот пораснале за 2.326 денари.

Дополнително, се наведува дека за четиричлено семејство со изнајмен стан од 60 квадратни метри, месечните трошоци достигнуваат 83.193 денари.

Драстично поскапување на горивата

Во соопштението се истакнува и значително зголемување на цената на дизел горивото.

Според податоците на ССМ, цената на ЕУРОДИЗЕЛ во периодот од 5 јануари до 16 март пораснала од 64,50 на 92 денари за литар, што претставува зголемување од 27,50 денари.

ССМ со критика за политиките за плати

Од ССМ поставуваат прашање дали животниот стандард ќе се подобри доколку не се пресметува синдикалната кошница и дали работниците ќе бидат задоволни со постојните плати.

Во соопштението се наведува дека претставувањето на економската состојба од страна на владините претставници не ја одразува реалната состојба со трошоците за живот.