Гостиварци нема да ги плаќаат сметките за вода за август
Актуелно

Гостиварци нема да ги плаќаат сметките за вода за август

01. 09. 2026.

Жителите на Гостивар нема да ги плаќаат сметките за вода за август, откако Советот на Општина Гостивар донесе одлука за ослободување од оваа обврска.

Мерката е иницирана од Советот како помош за граѓаните поради последиците од кризата во водоснабдувањето и епидемијата која го зафати градот и траеше околу еден месец.

На денешната седница било разговарано и за можноста граѓаните да бидат ослободени од плаќање на водата и за подолг период. Претседавачот на Советот, Ваљдет Џафери, посочил дека се размислувало за период од два или три месеци, но дека таквата мерка треба да биде реално спроведлива.

Директорот на ЈП „Комуналец“, Алмир Даути, објаснил дека вонредната состојба со водоснабдувањето траела еден месец, поради што смета дека ослободувањето од плаќање треба да се однесува на август.

На седницата било отворено и прашањето за проблемите со редовното снабдување со вода за пиење во делови од градот, меѓу кои Дебреше, Грудајца, Фазанерија и Циглана. Од ЈП „Комуналец“ најавиле дека на првата следна седница ќе ги презентираат плановите за решавање на проблемите во овие населби.

Проблемите со водата следуваа откако голем број жители на Гостивар пријавија стомачни тегоби, по што било утврдено присуство на фекалии во водата за пиење.