Еден од најзначајните нови проекти е директната железничка линија меѓу Прага и Копенхаген, која ќе поминува низ Берлин и Хамбург и ќе ги поврзува централна и северна Европа. Проектот е заедничка иницијатива на железниците од Чешка, Германија и Данска.
Планирано е да сообраќаат два воза дневно во двата правци, а патувањето ќе трае околу 11 часа. Линијата ќе започне со работа на 14 јуни 2026 година, по одложувањето поради доцнење на инфраструктурните работи меѓу Берлин и Хамбург. Цената на билет во еден правец ќе се движи меѓу 60 и 70 евра.
Современите возови на овие релации нудат Wi-Fi, ресторански вагони и работни простори, што го претвора патувањето и во продуктивно време, давајќи му дополнителна предност на железничкиот превоз.
Сепак, експертите предупредуваат дека ноќните линии сѐ уште имаат ограничувања – бројот на линии е мал, билетите брзо се распродаваат, а високите трошоци и нестабилните субвенции го отежнуваат нивниот развој.
Европската унија активно го поддржува железничкиот транспорт како дел од стратегијата за намалување на емисиите и пренасочување на кратките авионски летови кон поодржливи алтернативи.
Покрај линијата Прага–Копенхаген, се развиваат и други важни правци низ Европа, вклучително и зајакнување на врските меѓу Париз и Берлин, како и нови линии меѓу Франција и Шпанија. Во централна Европа се модернизираат линиите меѓу Чешка, Австрија и Германија.
Во регионот, пак, се работи на брзата пруга Белград–Будимпешта, каде се финализираат техничките подготовки и се усогласуваат граничните процедури.
Овие проекти најавуваат нова ера на железничкиот транспорт во Европа, со поголема достапност, одржливост и конкуренција со авионскиот сообраќај.
Извор:faktor.mk
